Да ги обреземе старите навики

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски св. Никола Тетово 14.01.2018 г.

Да ги обреземе старите навики

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Ползувајте го времето!

(Ефес. 5,16)

Драги браќа и сестри,

Семилостивиот Бог благоволи, на првиот ден од Новата година, кога нашиот ум се упатува кон тајната на времето и согледува за минливоста на уште една година и за почетокот на веќе друга година – да дојдеме во овој храм, на Божествена Литургија и да запливаме со нашите мисли во вечноста, во Божјото царство, подготвено за оние кои го љубат... Нема ништо подобро и поубаво од тоа во првиот ден од Новата календарска година да дојдеме во храмот и да ја започнеме годината со благодарење на Бога за сите добрини кои ни ги направил во изминатата година, но и да упатиме молитви за благосостојба во оваа година.

Денес Светата Црква си спомнува за еден значаен настан од животот на нашиот Спасител, Господа Исуса Христа. Си спомнуваме за Неговото обрезание, кога во осмиот ден по раѓањето Божествениот Младенец бил однесен во храмот и бил обрезан. Тогаш Му го дале името Исус, онака како што ѝ благовестел на Пресветата Дева архангелот Гавриил. Освен Христовото обрезание, ние денес го празнуваме и споменот на свети Василиј Велики, архиепископот Кесариски, чиј живот бил постојан подвиг на самоодрекување, на непрекинато духовно обрежување и благодатно обновување во Христа.

 

Возљубени,

Старозаветното обрезание е предобраз на новозаветното Крштение. Обрезанието на Господ покажува дека Тој на Себе примил вистинско човечко тело а не привидно, како што подоцна учеле еретиците. Господ е обрезан и затоа што сакал да се исполни целиот Закон, којшто Самиот го дал преку Пророците и Праотците. Откако ја исполнил таа заповед од Законот, во Својата Црква Христос го замени обрезанието со Крштението, преку кое се станува христијанин и се започнува духовниот подвиг во Црквата. Сето ова ни го посведочува и апостолот Павле, кој вели: „ Зашто во Исуса Христа ниту обрезанието има некаква сила ниту необрезанието, туку новата твар“ (Гал. 6,15). За таа нова твар во многубројните свои дела ни сведочи и големиот устроител и столб на Божјата Црква, светиот Василиј, кој заради чистотата и ревноста и заради неговиот голем богословски ум се   нарекува Велики со полна заслужност. Црквата во неговата личност ни дава возвишен пример за однесување.

Сакам денес да спомнам и за преданието за „ Василопитата” или лебот на свети Василиј Велики, кој денес го правиме како традиција во спомен на чудото кое се случило на Нова година. Во повеќе населени места низ Македонија денес се извршува традицијата со паричката, а во неколку места тоа народот го извршува на Бадник. Изминатиот период на социјалните мрежи налетав на повеќе мислења околу оваа традиција, а едно од тие мислења сакам да го споделам: „ Кога и да се прави овој обичај, мислам дека е најважно, да не се верува дека паричката носи среќа. Господ Исус Христос стана Човек за секој човек да добие изобилство од живот, благослов и „ власт да биде чедо Божјо.“ Секој човек! Затоа, кога го истакнуваме среќниот добитник на паричката и го сметаме за привилигиран, го искривуваме општочовечкото значење на неговото Вочовечување. Дури и кога е во спомен на свети Василиј Велики, правењето на обичајот со една паричка како да не е најсоодветно доловување на вистинскиот настан. Имено, кога свети Василиј ги делел парчињата леб, во секое парче имало злато и секој го добил она што претходно го дал. Но, добивањето на паричката може да се согледа од друг агол. Сепак, во овој живот сите не добиваме подеднакви дарови. За Господа сите сме еднакво драгоцени, тој како добар Пастир „ ги остава 99-те овци, за да ја пронајде едната изгубена,“ но тој некому дава еден дар, на друг два талента, на трет – повеќе... Секој треба да биде благодарен за она што го има, а да не биде завидлив кон оној што го добил она за што повеќемина конкурирале. Така, оној што не ја добил паричката всушност добил добра прилика искрено и несебично да му посака најдобри желби на оној што го добил очекуваното парче погача. Добиената прилика да се вежбаме во широкодушност, да се радуваме со другиот – можеби е позначајна и од добиената паричка“ . Кога ќе научиме да се радуваме на другата среќа и успеси во заедницата околу добриот Пастир – тогаш ќе ја доживееме вистинската радост и среќа.

 

Почитувани верници,

Сите ние сме сведоци за минливоста на времето. Минуваат денови и месеци, течат годините, времето лета. Кај протокот на времето нема никакво закаснување, никакво задржување. Поради тоа да се потрудиме, почнувајќи од денес, во сите 365 денови во оваа година правилно да го ползуваме времето (сп. Ефес. 5,16), бидејќи тоа ни се дава за да го искористиме како пат кон нашето спасение, како пат до вечното Божјо царство. Поради тоа времето е голема скапоценост, која ни е дадена и не треба да ја потрошиме залудно, но секојдневно треба да ја користиме, да го искористиме секој миг во богоугоден живот исполнет со богоугодни дела не само кон нашите ближни и сакани роднини и пријатели, туку и кон секој човек, па дури и на непријателите да им покажеме љубов. Љубовта е единственото нешто што колку повеќе го делиш – толку повеќе ја имаш. Блажен е човекот во кого има љубов Божја, зашто тој во себе Го носи Бога, бидејќи Бог е љубов и кој пребива во љубовта во Бога пребива (1. Јован 4,16). Кој има љубов, тој заедно со Бога е повисоко од секое нешто. Кој има љубов не се превознесува, не се возвеличува, не соперничи, не завидува, не гледа со око полно со омраза, не се радува на падот на другите, не го оцрнува паднатиот, туку сострадува со него и зема удел во неговата тага, не го презира својот брат во неговите потреби, туку се застапува и е готов да умре за него. Кој има љубов, ја исполнува волјата Божја, ученик е Божји. Зашто Самиот наш благ Владика рекол: По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе (Јован 13,35). Со еден збор кажано преку љубовта пред нас е отворен рајот, и на сите им е покажан влезот кон небото.

Затоа наредните 365 дена, оваа година да ја поминиме во знакот на љубовта, да бидеме широкодушни и да се радуваме со другите. Да направиме добар почеток оваа година, да им кажеме не – на лицемерието, клеветите, омразата, осудувањето, гневот, љубомората, завидливоста, зависта, која нажалост е присутна и во црковните кругови. Сите сме луѓе, но ретко, кој е човек (личност). Да поработиме на нас самите, на нашето личносно преображение. Секој од нас да се труди да биде пред се добар човек.

Во денешниот современ свет поради дефицитот на обожени личности, во светот има многу морал, а толку малку добро. Големиот богослов, отец Александар Шмеман во својот дневник укажува на огромната разлика помеѓу добриот и моралниот човек. Тој посочува: „ Добар човек е добар затоа што ги „ прифаќа“ луѓето такви какви што тие се, ги „ покрива“ со својата добрина. Добрината е прекрасна, нешто најпрекрасно на земјата, додека моралните луѓе се активисти кои зеле обрска и тежнеат на другите луѓе да им надметнат принципи и „ добро“ , и кои лесно паѓаат во осудување, гнев и омраза.“  

Ете сега на прагот на Новата година да си дадеме на себе си задача – да бидеме пред сè добри! А за да се биде добар човек треба да почнеме квалитетно да го ползуваме времето, кое ни претстои и истото да го искористиме за наша лична надодградба, за наше личносно внатрешно согледување и спасение, за молитва и љубов за и кон другите, а не за лицемерие, судење, осудување и итн. Конечно во Новата година да почнеме „ новото вино“ да не го ставаме во „ стари мевови“ , туку во „ нови“ (сп. Марко 2,22), т.е. во да кажеме не на старите навики, да ги обреземе старите лоши и гревовни навики и страсти и да почнеме повеќе да тежнееме по добродетелите, кои на крајот од времето, ќе не одведат во вечноста, каде што нема почеток и крај, во Царството Божјо, каде удостоени со светите ангели ќе Го воспеваме и сославуваме Троичниот Бог – Отецот, Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите на вековите! Амин.

Ја користам оваа прилика на сите кои денес се сославеници на светиот Василиј да им го честитам именденот. Исто така на сите во Новото 2018 лето Господови Ви посакувам многу здравје и радости во животот и преуспевање во верата.

Бог да Ве благослови!